Николов официјално промовиран во Видеотон: Дојдов за да ја освојам титулата!

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов и официјално е член на унгарски Видеотон, откако вечерва го потпиша договорот и официјално беше промовиран за нов фудбалер на унгарскиот тим.

Тој е втор вардарец, кој за шест месеци доаѓа во Унгарија по Стефан Спировски, кој летоска потпиша за Ференцварош, па сега ќе има вистинско макеоднско дерби за титулата, со оглед дека Ференцварош и Видеотон се главните ривали за шампионската круна.

„Среќен сум што потпишав за Видеотон и би сакал да посочам дека дојдов тука со цел да бидам шампион со овој клуб. Во првиот дел од сезоната имав големо искуство, завршивме голема работа со Вардар, откако успеавме да се пласираме во Лига Европа, што е големо искуство за еден млад играч. Се надевам на успеси со Видеотон, како домашни, така и меѓународни“, рече на промоцијата Бобан Николов на промоцијата.

Николов играше во Вардар три сезони, додјде во 2015 година, освои три титули, играше во историската сезона Лига Европа, а со младата репрезентација го запиша најголемиот успех со настапот на Евро 2017. Во Вардар дојде од Виторул Костанца, каде играше три години, а претходно беше дел од академијата на Георге Хаџи.

„Нашата цел беше да го засилиме средниот ред и да ја зголемиме конкуренцијата на повие позиции. Николов од поодамна го следиме, ја следиме негоата кариера на интернационално ниво, тој е голем потенцијал, играше квалификации за ЛШ, играше во Лига Европа“, рече Золтан Ковач, спортскиот директор на клубот.

Николов од Вардар замина барајќи нов предизвик во кариерата, а покрај него македонскиот првак го напушти и Висар Муслиу, кој по само шест месеци во црвено-црниот дрес избега од македонскиот првак.

Вардар за трансферот на Николов, чиј договор со црвено-црните истекуваше во јуни, според најавите ќе добие 100.000 евра.