Напаѓач од Малави кој играл во Гибралтар ја засили Брера

Струмичкиот прволигаш Брера во вториот дел од сезоната ќе има нов напаѓач со кого ќе се обиде да избори опстанок во елитната конкуренција.

Во нападот на некогашниот освојувач на Купот на Македонија ќе биде напаѓачот од Малави, Јан Куаку кој во Македонија доаѓа од првенството на Гибралтар. Таму бил член на тимот на Еуропа Поинт за кого потпишал минатата година, но на 1 јануари станал слободен играч откако го раскинал договорот.

Претходно Куаку настапувал во Андора, но и пониските лиги во Шведска, Италија, Франција, Полска и Шпанија.

Иако напаѓач, 26-годишниот фудбалер од Малави во дресот на Еуропа Поинт одиграл 13 натпревари и постигнал само два гола и две асистенции оваа сезона. Куаку веќе се приклучил на подготовките на Брера и во клубот сериозно сметаат на него во продолжение од првенството.