Македонија ЃП по 16 години го освои Купот на Македонија – втор во историја (ФОТО)
Младиот голман на „лавовите“ Христијан Стефковски е херојот на ѓорчепетровци со два одбранети пенали во рулетот од белата точка, откако ги запре Бурхан Алии и Благоја Спирковски, за Сефер Емини да го релизира последниот пенал за првиот трофеј после 2006 година.
За Македонија ЃП погодија Ермедин Адем, Есмин Личина, Давид Атанаскоски и Емини, а промаши Јован Попзлатанов со ужасната паненка, во четвртата серија кога имаше шанса порано да ја обезбеди победата во овој рулет. Дејан Цветановски, Филип Стојчевски и Антонио Каланоски ги погодија пеналите за Силекс
Ужасно досадни два часа фудбал одиграа бившите македонски прваци во кои повеќе ја измачија топката, па севкупно само три возбудувања во 120-те минути имаше на Арената, па повеќе делуаше дека и двата тима уште однапред влегоа со пристап да ја бараат шансата за трофејот преку пеналите.
Сефер Емини во втора минута имаше шанса за гол од од слободен удар откосо, а шутот по земја го одбрани Даниел Божиновски, Антонио Каланоски за кратовци имаше зицер во 57-та минута кога Христијан Стефковски спречи чист гол и Годберг Купет во 95-та по еден центаршут само млако биеше со глава во голманот на Божиновски.
Сѐ друго остана само на ужасен фудбал, без идеја, со поголема желба за лежење на терен и со безброј неточни додавања, центаршутеви во гол-аут...