Конечно почнуваат младинските првенства - нема потреба од вакцинирање!

Младинските првенства во сите спортови конечно ќе може да почнат, зашто младите таленти од пионерска до младинска категорија нема да мора да се вакцинираат за да добијат сертификат истата, за да може да настапуваат во своите категории.

Владата на Македонија денеска објави дека комисијата за заразни болести го прифатила барањето на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за да се дозволи организирање и учество во младинските категории без сертификати за вакцинација, со напомена дека останува на сила препораката за имунизација од ковид-19 на сите над 12-годишна возраст.

„На оваа седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести да се прифати барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12 годишна возраст натаму“, стои во објавата на македонската влада.

Младинските категории не можеа да стартуваат токму поради проблемите околу вакцинацијата, па младите таленти веќе загубија повеќе од два месеци околу овој проблем со играње на натпреварувачки мечеви како основа за развој на кариерата на секој во било кој спорт.