Комити: Се турка ли Вардар кон стечај и најнизок ранг за да се формира - „нов Вардар“?

Најверните вардарови навивачи Комитите порачаа дека најтрофејниот македонски клуб Вардар е последниот бастион на Македонија, иако целокупната хаотична ситуација со клубот ја турка скопската гордост кон стечај и најнизок ранг, со цел да се почне од почеток и од четврта лига да се формира „нов Вардар“.

Комити жестоко реагираат што актуелниот тим е фрлен како партал на улица, нема каде да тренира, за што неодамна жестоко покажаа со прст кон структурата која сѐ уште формално е газда на клубот, а сега и поради административно-бирократските пречки со кои парите собрани од акцијата „купи карта за спас на Вардар“ од околиу 50-на илјади евра не може да им ги поделат како плати на фудбалерите.

Целото соопштение на најверните навивачи ви го пренесуваме во целост.

„Вардар е фрлен на улица од оние кои формално и правно се негови сопственици.

Вардар не е згрижен ниту од својот патрон Градот Скопје. Вардар е за жал тревата на која "битка бијат слоновите".

Во моментов единствени кои стоиме позади клубот во вистинска смисла на зборот сме ние н.г. Комити, мала група ентузијасти, но и вие НАРОДОТ !

Сакаме кога е веќе така да покажеме дека можеме да бидеме силни и кога против нас (а очигледно е така) стојат можеби најголемите олигарси во државава. Не е лесно, сакаат да не бутнат, очигледно е дека се посакува неуспехот, очигледно е дека се сака да му се напакости на клубот.

Мотив? Епа во неврзани разговори се споменува варијантата

- Вардар да падне во најнизок ранг на натпреварување,

- Да се отвори стечајна постапка

- Да се ликвидира клубот со назив ФК Вардар, а потоа од 4-та лига да се создаде нов клуб до исто име, бои, седиште...

Што се сака да се постигне? - Новоформираниот клуб да стартува без долгови?

А дали е тоа така? АПСОЛУТНО НЕ ! Затоа што тој нов клуб кога еден ден ќе се врати во првата лига, би го наследил актуелниот долг, зголемен за затезни камати.

Но и тоа не е се! Клубот би морал да игра на минимум 60км надвор од Скопје како домакин, би морал да направи јасна дистинкција од актуелниот ФК Вардар, во бои, во додавка на име...едноставно би бил клуб без историја и наследство.

Дали тоа ги плаши оние кои ова го посакуваат? За жал НЕ !

Во ситуацијата во која сме затекнати, сме максимално злоупотребени и понижени.

- Намерно е дозволен егзодус на тимот.

- Веројатно намерно проблемот со Новак и Максимов се решаваат по преодниот рок, па така ништо не решава за тековната состојба, освен за идниот преоден рок.

- Намерно не се дава Тренинг Кампот, за Вардар да тренира, со цел да си покаже едниот на другиот "слон", кој е газда !

Со МК Тикетс беше закочено повторно не по наша вина, а не и по нивна, но поради взаемното разбирање, меѓусебното почитување и коректен однос, проблемот се решава и ќе се реши, па така во текот на следната Недела играчите конечно ќе ги добијат средствата кои ние заедно со вас ги собравме за да барем делумно им го решиме тековното егзистенцијално прашање, веројатно за два или нешто повеќе месеци да функционираме.

Но пораката која ја испраќаат "слоновите" и начинот на кој го третираат Вардар е во најмала рака МИЗЕРЕН!

Но се ова ќе помине, и кога "слоновите" ќе се засолнат позади партиите кои ги прават посилни, шоуто ќе заврши, а Вардар ќе заврши некаде во нечии раце, и ние повторно ќе бидеме тука, а тие ќе отидат во заборав како бездушници и "канцелариски пацови", кои не виделе еден ден работа, а имале привилегии затоа што биле партиски војници, а не затоа што застанале храбро да го бранат Вардар, а бранејќи го Вардар ја бранеле и Македонија ! Затоа што Вардар е последната линија на одбрана на Македонија !

Апел до играчите, стручен штаб и се она што е Вардар, држете се, со вас ќе останеме и тоа да ни е последно нешто во животот !

Да изгинеме заедно сите во Недела и да ја одбраниме честа на Вардар и Македонија, во ситуација кога честа е нападната од сите страни, но што е најтрагично и од внатре од "нашите" !

Да ги поставиме на вистинското место работите, и да не дозволиме да ни уринираат на она што ни е свето ! А на крајот секој ќе го добие заслуженото, Ветуваме !!!“, се вели во реакцијата на Комити

Вардар е фрлен на улица од оние кои формално и правно се негови сопственици. Вардар не е згрижен ниту од својот патрон...

Posted by Komiti Skopje on Friday, March 5, 2021