Комити: Гневни сме зашто Вардар е избркан и заробен од себични и нафатирани олигарси!

Најверните навивачи на најтрофејниот македонски клуб Вардар, Комитите со отворена реакција после минималниот пораз на црвено-црните од Шкендија во Тетово (1-2) посочија дека се таложи гневот и само прашање на време е кога ќе експлодира откако актуелниот лидер повторно стана бездомник и нема ни каде да тренира во хаотичната состојба во која е клубот веќе подолго време.

За Вардар откако во „пет до 12“ се собра за да ги почне подготовките за новата сезона, останаа заклучени Академијата и тренинг-центарот во Хиподром, па клубот се снаоѓа за тренинзи низ Скопје за да се подготвува за мечевите во овој пролетен дел од сезоната и сето тоа посебно ги разгневува навивачите, чија акција успеа во изминатиот период и со распродадена Арена на клубот му обезбедија дополнителни 50 илјади евра.

Целата реакција на Комити ви ја пренесуваме во целост.

„Храбра игра, достоен пораз, ќе напредуваме со играта уште повеќе.

Браво момци

Тука сме и во среда, каде доаѓаме без очекувања но со само една желба !

Останува гневот кој се таложи, и кој само е прашање на време кога ќе експлодира.

Гнев, затоа што она што за нас е свето, за некои е само објект за поткусурување.

Гнев, затоа што сме избркани од својот дом само затоа што немаме имотен лист, иако живееме таму повеќе од 70 години.

Гнев, затоа што сме заробени од себични и нафатирани олигарси, исфрустрирани до тој степен што ги фатило слепило, па не ги распознаваат боите на своите пулени.

Гнев затоа што никој не застанува позади Вардар кога е тешко, а се китат со успесите, и се редат како на филмска лента генерали после битка...

Е така нема да може !

Ова е филтер кој мора да го поминат сите, само вистинските ќе испливаат и ќе застанат цврсто на земја, и кога тлото под нас тоне, и кога го користат Вардар како оружје за битки кои немаат допирна точка со спортот и фудбалот.

Ние гледаме, помошта ја нема од онаму од каде треба да дојде, нели, од центарот за удирање по гради...а доаѓа од таму од каде не очекувавме...Тоа ќе биде запаметено и испочитувано!“, се вели во реакцијата на Комити.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера изјави дека во ек е пронаоѓање на стратешки партнер за Вардар, но посочи дека досегашниот газда Сергеј Самсоненко мора да си го подмири долгот од 3,5 милиони евра, додавајќи и дека во моментов Вардар нема ништо освен екипата со која предводи бившиот селектор Никола Илиевски – Џиџи и триото вардарови деца како негови помошници – Бобан Грнчаров, Златко Таневски и Никола Глигоров.

Храбра игра, достоен пораз, ќе напредуваме со играта уште повеќе. Браво момци ?￰゚ムマ? Тука сме и во среда, каде доаѓаме без...

Posted by Komiti Skopje on Sunday, February 28, 2021