Шилегов: Преговараме со стратешки партнер за Вардар, ама Самсоненко да си го врати долгот!
Најтрофејниот макеоднски клуб веќе две години е во голема финансиска криза која после секој преоден рок носеше нов егзодус на играчи, за црвено-црните едвај да тргнат во подготовките за оваа сезона и тоа со ептен скрпен тим во кој скоро две третини се младинци на скопската гордост.
Вардар од поодамна е заглавен во милионски долг, за кој Шилегов сега вели дека е 3,5 милиони евра, иако извршниот директор Самоил Симев на заминување од функцијата по објавената оставка посочи на почетокот на годинава дека долгот бил до 2,5 милиони евра. Да е уште пострашно барем засега, освен ветувања за исплата на долгот од Самсоненко, градот не добил гаранции дека тој долг е наплатлив.
Многумина се прашуваат зошто градот не го преземе Вардар сосе долгови, но градоначалникот вели – такво нешто е кривично дело.
„Долгот на Вардар е некаде околу 3,5 милиони евра. Вардар беше даден без долгови и со играчки фонд од некаде шест милиони евра, а сега играчите вредат 800.000 евра. Значи ние имаме загуба во вредноста на клубот. Јас не можам да дозволам градот да го преземе Вардар со долг од 3,5 милиони евра, ниту на градот му е дадена гаранција дека тој долг може да биде наплатлив. Ако го преземеме вака клубот со долгови правите кривично дело. Имаше неколку ветување од Сергеј Самсоненко дека ќе ги подмири долговите, вклучително и последното до 31 јануари дека ќе ги исплати играчите, што не се случи“, вели Шилегов.
Вардар успеа привремено да ја деблокира сметката за да може екипата да почне со тренинзи за пролетната сезона во која стартуваше со реми во „ел класико“ со Пелистер (2-2), па Шилегов посочи дека моментно се бара стратешки партнер
„Јас како градоначалник и Владата, зашто ПУИГ е сопственик на 49 отсто од акциите преземавме дејствија околу каматата (5 милиони денари) да се избрише за дебклокада, плус уплативме 5,8 милиони денари со цел да се деблокира сметката. Плус го замоливме Панчев да ја тргне блокадата, што и се случи и го доведовме клубот да може да аплицира со ваучерите од околу 340.000 евра за да се заврши сезоната. Патем бараме стратешки партнер за Вардар и очекуваме во текот на март да биде решено. Посветени сме на решавање на проблемот, превземаме конкретни чекори, но мислам дека за жал Вардар се злоупотребува во политичка смисла. Дали мислите дека ако дојде некој нов спонзор, на што интензивно работиме, дека така ладно ќе прифати да плати 3,5 милиони евра долг?“, потенцира Шилегов.
Скопскиот градоначалник посочува дека Самсоненко треба да си го подмири долгот и да го врати клубот како што го земал со чиста сметка, а за можноста за нов инвеститор во клубот, потенцира дека веќе од следниот месец ќе се знаат многу работи, зашто веќе драфт-договори се направени, проанализирани од двете страни и се надева дека успешно сѐ ќе се заврши.
„Не е едноставно. Вардар е дел од македонската традиција, најдобар и најреномираниот клуб во Македонија и никој нема намера да го пушти низ вода. Но секој треба да си ја преземе одговорноста, тој што го направил долгот треба да си го плати. Немаме совршено никаков имот на Вардар, зошто е така – не знам. Академијата е на сопругата на Самсоненко, тренинг-центарот во Гази Баба (Хиподром – н.з.) е јавно приватно партнерство на општината и РК Вардар. Јас претпочитам да се плати долгот, во меѓу време работиме на пронаоѓање на човек, спонзор посериозен кој навистина ќе се посвети на развој на Вардар и во март очекуваме да ги добиеме, драфтовите на договорите веќе се направени, беа испратени на анализа, па вратени кај нас, па ние дадовме одговори... Да не кажам сега со кој разговараме (веќе подолго време се споменуваат катарски бизнисмени – н.з.), ама таков тип на кореспонденција постои и дај боже мислам дека сѐ ќе биде во ред“, заврши Шилегов.