
Ќосевски е последно засилување на Вардар, петмина дојдоа - седум заминаа!
Вардар го потврди ангажманот на Ќосевски кој стави потпис на тригодишен договор со скопскиот тим.
Клубот потоа објави крај на преодниот рок и направи рекапитулар на трансфер активностите ова лето. Вардар се засили со пет нови играчи, од црвено-црните заминаа седум фудбалери, а двајца се испратени на позајмица.
Соопштението на Вардар ви го пренесуваме во целост:
„Со завршувањето на летниот преоден рок, ФК Вардар АД може да направи јасен пресек на активностите и засилувањата во изминатиот период. Управата беше максимално ангажирана во процесот на доведување нови играчи и создавање ростер кој ќе биде подготвен за големите предизвици што следат.
Амбициите на клубот остануваат исти – борба за двете титули во домашните натпреварувања, шампионската во Првата лига и пехарот во Купот на Македонија. Со таква цел, беше потребно да се освежи и зајакне тимот, да се внесе нова енергија и поголема конкуренција на секоја позиција.
Заминувања и позајмици
Од редовите на Вардар ова лето си заминаа: Џибрил Дианаси, Данел Јордан Донгмо, Кристијан Николовски, Гоце Јовчев, Александар Ѓурковски, Лука Атанасовски и Николче Шаркоски. Клубот им се заблагодарува за посветеноста и придонесот во црвено-црниот дрес и им посакува успех во понатамошната кариера.
Покрај тоа, Мануел Куестас останува под договор со Вардар, но сезоната ќе ја мине како позајмен играч во Брера, додека Горјан Цветков ќе настапува како позајмен во тимот на Скопје.Засилувања на ростерот
Во клубот пристигнаа неколку имиња кои ќе му дадат нов лик на составот: Муса Раматхан, Фахад Бајо, Димитар Данев, Давид Бабунски и Ведран Ќосевски. Секој од нив носи посебни квалитети, искуство и енергија кои, комбинирани со веќе постоечкиот костур на тимот, треба да создадат победничка комбинација.
Со овие засилувања, стручниот штаб добива подолга клупа, повеќе можности за ротација и тактичка разновидност. Конкуренцијата за место во првиот состав ќе биде посилна, што ќе го крене нивото на работа и на тренинг и на натпревари.Поглед напред
ФК Вардар влегува во новата сезона со јасна визија и силна мотивација – да се врати таму каде што припаѓа, на врвот на македонскиот фудбал. Со поддршка од навивачите и посветеност од сите во клубот, пред нас е возбудлива натпреварувачка година исполнета со големи очекувања и амбиции“, стои во соопштението.