Јаневски: Да се работи во Вардар не е само чест, туку - голема обврска

Македонскиот шампион Вардар го промовираше својот нов кормилар Чедомир Јаневски, вардаровата легенда која по 28 години се враќа во својот матичен клуб и ја презема тренерската палка. Јаневски и Вардар потпишаа двегодишна соработка, а Јаневски најави професионална работа и веќе од синоќа ги засука ракавите со новиот тим за да се подготви за пресметката со Фенербахче утревечер (20 часот).

„Сакам да и се заблагодарам на управата што мене ми ја довери улогата, за да се вратам во клубот каде што се афирмирав.  Преку Вардар направив кариера. Задоволен и среќен сум што повторно сум во ова семејство. Со една работа професионална, заедно со стручниот штаб и фудбалерите ќе продолжиме каде што застанавме. Да придонесеме што подобро да го претставиме Вардар и Македонија на меѓународна сцена. Вардар е најголемиот бренд во Македонија, па и во Југославија беше еднаш првак. Драго ми е што и чичко Дончо е тука на овој прес. Сите сакаме успех со овој тим. Не е само чест, туку и обврска да се работи во овој клуб. Овој клуб може во иднина да игра ЛЕ или ЛШ, но мора доста да работиме. Само со работа може да стигнеме до зацртаната цел“, рече Јаневски на промоцијата

Тој посочи дека принципот на работа во Вардар ќе биде ист како и секаде каде што досега работел.

„Професионално ќе работам за да ги оствариме зацртаните цели – да ги освоиме трофеите. Со помалку од тоа ќе бидам незадоволен. Јас дојдов вчера, веќе имав еден тренинг. Немав долго време да работам, но не барам оправдување. Јас се нафатив да го тренирам овој клуб. Повеќето фудбалери ги знам, со некои сум работел. Гледав неколку натпревари, нема многу големи промени во играчкиот кадар. Квалитетите ги знаеме, моите акценти и замисли како треба да играме, тоа што било добро ќе остане, нема се да се менува. Имам информации, имаме анализа направено, Фенер е скаутиран. Играме дома, пред наша публика. Ќе дадеме се од себе, ги респектираме. Ова е уникатна шанса да се напише историја, еден тим да игра групна фаза. Ќе биде потребно концентрација, борба, умешност, мудрост за да се наигра Фенер. Ќе раборам по истиот принцип како што работев досега. Противниците  во Македонија, како и надвор кога играат со поголеми тимови, имаат обврска да доминираат, брзо да освојуваат терен, да победуваат. Тоа е лесно сега да се говори, но ние ќе работиме за тоа да го оствариме во иднина“, додаде Јаневски.

Претседателот на клубот Мирко Спасевски му посака добредојде на Јаневски

„Ме радува што после 28 години уште една вардарова легенда се приклучува на Вардар. Тоа е Чедомир Јаневски, новиот шеф на стручниот штаб. Му посакувам добредојде и се надевам дека со неговата работа ќе имаме голем напредок во играта“, рече Мирко Спасевски, претседателот на црвено-црните.

Извршниот директор на клубот, Самоил Симев, пак, посочи дека многу кратко траеле преговорите за Јаневски да го прифати повикот на македонската гордост.

„Лице добро познато на целата спортска јавност. Човек во кој видовме идеален заменик за Седлоски. На мое особено задоволство, разговорите траеа кусо, ме радува неговата желба да се приклучи, со една цел да ги оствариме резултатите кои овие три години ги остваруваме. Му посакувам многу успех и многу среќа, ние како менаџмент ќе даваме поддршка на првиот тим и на младинскиот погон“, рече Самоил Симев, извршниот директор на Вардар.