Ибраими: Можеме до пресврт против Рига!

Најдобриот напаѓач на Шкендија и четирикратна „златна копачка“ во Македонија, Бесарт Ибраими верува дека македонскиот шампион може да направи комплетен пресврт против летонскиот првак Рига и негативата од два гола да ја претвори во пласман во третото коло во квалификациите во Конференциската лига.

Ибраими посочува дека време е да се дадат голови, зашто Шкендија по три меча и 270 минути сѐ уште чека на прв гол во Европа, а утре ќе ѝ требаат најмалку два за продолженија, а триумф од три гола за пласман.

„Мислам дека можеме утре до пресврт. Загубивме таму со 0-2, но сето тоа беше плод на наши грешки, па сега мора да ги намалиме истите и да почнеме да даваме голови. Со Мура игравме добро во Скопје и немавме среќа, на реваншот првите пола час бевме добри и кој знае како ќе беше ако први погодевме. Така беше и со Рига. Понекогаш треба да се има и среќа. Не дека играме лошо“, посолува Ибраими.

Шкендија има 0-8 од три меча летово во Европа, па сега ова им е последна шанса да покажат дека имаат барем просечен квалитет и капацитет.