Го напушти ФК Скопје по само 17 дена зашто во амблемот на клубот имало крст!

Флорент Османи пред само 17 дена беше промовиран како големо засилување за новиот прволигаш екипата на Скопје, но поранешниот фудбалер на Шкупи одлучи да го напушти клубот поради бизарна причина.

Имено, како што вели тој, причината поради која тој заминува од клубот е амблемот на фудбалскиот клуб Скопје кој содржи крст.

„Јас сум голем верник и мојата религија не дозволува такво нешто. Од клубот ми понудија да го покријат амблемот на мојот дрес, но тоа не беше решение за мене и затоа одлучив да ја прекинам соработката со Скопје. Одлично бев примен овде и се чувствував комотно, но ова е посилно од мене и не можам да ги прегазам правилата на мојата религија. Ѝ благодарам на управата за разбирањето и му посакувам на клубот сѐ најдобро“, изјави Османи за Инфоспорт.

Османи минатата сезона ја помина во косовската Прва лига во клубот на Лирија од Призрен, а претходно настапуваше за Шкупи и Гостивар во Македонија. 29-годишниот напаѓач одигра една сезона и во турскиот клуб 12 Бинголспорт.