Ганец кого го „ловеле“ од Дортмунд и Нигериец од Барса Б доаѓаат на проба во Вардар?
Станува збор за тројца млади и перспективни фудбалери, кои немаат повеќе од 22 години и црвено-црните внимателно ги следат. Вардар зимава ангажираше тројда талентирани Македонци со репрезентативен калибар од Пелистер (Тошевски, Попзлатанов и Цветановски), а во Скопје ќе дојде и 23-годишниот Бразилец Јаго Силва, бивш фудбалер на Васко да Гама, со што црвено-црните го менуваат курсот и создаваат тим со млади играчи, чија желба за докажување и големата перспектива отвораат простор актуелниот шампион да изгради тим кој подолго ќе игра заедно и ќе освојува нови трофеи и ќе игра забележителна улога во европските купови.

Ганецот Ерик Куми е 22-годишен фудбалер (роден 1995), кој игра во Стад Тунис, а е играч кој настапувал за Хартс оф Оук и игра на позиција крило, но може и како напаѓач. Интересно, пред три години, германскиот гигант Борусија Дортмунд внимателно го следела преку својата скаутска служба и сакала да го ангажира. Куми, тогаш сè уште тинејџер бил еден од најперспективните фудбалер на Гана и бивш младински репрезентативец на сојата земја.

Другите двајца како потенцијални засилувања, кои Вардар внимателно ги следи, се Нигеријци. Првиот Езекил Жозеф Басеј е 21-годишен фудбалер (роден 1996), кој може да игра и како крило и како централен играч за врска. Негов последен клуб му е ирански Пајкан, а минатата година шест месеци бил член на Б-тимот на каталонскиот гигант Барселона. Инаку во Нигерија играл за Енјимба.

Вториот Нигериец е Сандеј Адетунџи, 191 сантиметар висок 20-годишен фудбалер (роден 1997), кој може да игра како напаѓач и како крило, а е член на Алба Вориорс од родната Нигерија.
Младинскиот репрезентативен голман Филип Илиќ, син на поранешниот тренер на голманите во Вардар, Саша би требало да биде третиот голман на шампионот покрај Филип Гачевски и Игор Алексовски, откако поранешната „единица“ Томе Пачовски се пензионираше.
Вардар е во потрага на офанзивец затоа што зимава се раздели со Бразилецот Итало, па единствен вистински напаѓач во тимот е Русинот Максим Максимов. Инаку, интересно, црвено-црните бараат брзи фудбалери со цел Јаневски низ зимските подготовки да создаде брза игра со доминација во поседот на топка и напролет да се обиде да ја стигне разликата од осум бода во однос на лидерот Шкендија во трката за шампионската титула.
Црвено-црните викендов ги започнуваат своите подготовки за пролетната сезона и до 16 јануари, по што заминува во Анталија и низ шест контролки ќе ја има главната фаза од подготовките за вториот дел од сезоната. Во Анталија заминуваат и пет младинци на црвено-црните кои ќе треба да се наметнат кај Јаневски.