Поранешен фудбалер на Васко де Гама го засилува Вардар! (ВИДЕО)

Поранешен фудбалер на бразилскиот гигант Васко де Гама, Jаго Силва (23) ќе биде ново засилување на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар во зимскиот преоден рок.

Станува збор за фудбалер кој е исклучително брз и игра на позиција крило, но може да помогне и во средниот ред и во таборот на црвено-црните доаѓа да ја пополни дупката која на крилната позиција се отвори по заминувањето на Грузиецот Јамбул Џигаури, стрелецот на клучниот гол во Истанбул против Фенербахче со кој Вардар осигура историски пласман есеноска во групната фаза во Лига Европа.

Jаго Силва има 23 години, висок е 172 сантиметри, поливалентен играч е затоа што може да одговори на неколку позиции, дури и како втор напаѓач и би требало да биде големо засилување за македонскиот шампион, кој пролетната полусезона ќе ја започне со осум бода негатива во однос на лидерот Шкендија. Тој со Вардар ќе потпише договор на шест месеци со опција да го продолжи истиот за уште една година.

Според специјализираниот сајт за трансфери „Трансфермаркт“, Jаго е проценет на 350 илјади евра, а освен за Васко да Гама има играно и за Минесота во САД во втората по ранг НАСЛ-лига, како и за бразилските Тупи, Макае, како и за јужнокорејски Сеул.

Тој треба да биде четврто засилување за Вардар по македонското трио од Пелистер со репрезентативен калибар. Кристијан Тошевски е сениорски репрезентативец, Јован Попзлатанов е младински репрезентативец и двајцата играат на бековските позиции, како и младиот Матеј Цветановски, кој е еден од најталентираните млади фудбалери во земјава. Триото од Битола доаѓа по тоталниот распад на куп-победникот Пелистер, кој е на раб на банкрот.

Зимава од Вардар си заиминаа Џигаури и бразилскиот напаѓач Итало.