МЗТ го прегази Скопје 2023, а Штип го шокира Пелистер среде Битола!

Кошаркарите на МЗТ Скопје триумфираа против Скопје 2023 со 79-60, додека Штип го нокаутира Пелистер во Битола со 92-87.

МЗТ го отвори одлично натпреварот и поведе со +11 (19-8), но потоа следеше пад во играта кој го искористи Скопје 2023 за да направи целосен пресврт (31-30). Екипата од Аеродром, сепак, набрзо го врати водството и на полувреме замина со 42-39.

Скопје 2023 даваше отпор се до средината на третата четвртина (47-51), по што МЗТ ја презема целосната контрола врз натпреварот и на крајот триумфира со убедливи 79-60.

Најефикасен во победничкиот тим беше Емир Крајиниќ со 20 поени, осум скокови и една асистенција, додека Камерон Џонс запиша 18 поени, четири скокови и две асистенции за Скопје 2023.

Штип оствари голем триумф на гостувањето кај Пелистер со 92-87, а најефикасен во победничкиот клуб беше Камерон Хамилтон со 20 поени и по пет скокови и асистенции, додека Никола Кочовиќ запиша 24 поени, два скокови и седум асистенции.