Бизарно: Холандски навивачи со ланци го заклучија својот тим и спречија да отпатува на натпревар!

Натпреварот од втората холандска фудбалска лига помеѓу Витесе и Де Графшап воопшто не се одигра, откако околу 200 навивачи на гостинскиот тим направија невиден скандал и физички ги спречија сопствените фудбалери да отпатуваат на гостувањето во Арнем.

Незадоволните приврзаници се собраа пред стадионот „Де Вијверберг“ во Доетинхем и со ланци ги заклучија излезните капии од комплексот, оставајќи го клупскиот автобус целосно блокиран. Ваквиот радикален потег уследи како револт кон одлуката на локалните власти кои им забранија присуство на неделното дерби, па фановите, сметајќи ја мерката за крајно неправедна, одлучија да протестираат на начин кој директно го погоди нивниот сопствен клуб.

Откако стана јасно дека екипата нема да може навреме да пристигне за почетокот на натпреварот, претседателот на клубот, Март де Круиф, се појави меѓу насобраната толпа обидувајќи се да разговара со нив за да се најде излез од ситуацијата, но блокадата не беше навреме отстранета. Фудбалскиот сојуз на Холандија експресно го осуди постапувањето на навивачите и најави отворање на дисциплинска постапка, додека одлуката за новиот термин и евентуалните санкции ќе биде донесена дополнително. Ова претставува нов тежок удар за екипата на Де Графшап, која моментално се наоѓа на разочарувачкото 15-то место на табелата во втората дивизија.

Проблемите кои кулминираа со оваа блокада започнаа по нередите на претходниот меѓусебен дуел на овие два клуба одигран во декември 2025 година. Поради тие инциденти, првично беше планирано Де Графшап на ова гостување да поведе максимално 500 навивачи наместо вообичаените 800, но тензиите ескалираа во саботата вечерта кога локалните власти поставија дополнителен услов за ригорозна проверка на сите транспаренти, кореографии и навивачки реквизити пред нивното внесување на стадионот.

Иако управата на Де Графшап тврдеше дека се обидела да најде компромис преку различни решенија, конечен договор за безбедносните услови не беше постигнат. Клубот изрази огромно разочарување од забраната, сметајќи дека нивните навивачи се неправедно претставени во јавноста, што на крајот резултираше со радикалната физичка блокада пред стадионот.