Атлетико го запре Рафиња, ама Фермин ѝ донесе победа на Барселона (ВИДЕО)
Иако значително ослабен, поради неиграњето на неколку клучни фудбалери, меѓу кои и Родри, каталонскиот тим покажа високо ниво на зрелост, па и покрај тоа што не беше ефикасен како на претходните дуели, успеа да дојде до исклучително значајни три бода пред репрезентативната пауза. Победата има дополнително значење ако се има предвид дека Атлетико дојде во водство уште во деветтата минута, па Барселона имаше тешка задача да брка негатива на овој меч.
Херој на гостите беше Фермин Лопес кој ја потврди одличната форма и го направи пресвртот на својот тим. На 1-1 израмни во 43. минута, а откако Барса дојде до егал, во второто полувреме буквално го растури противникот и не му дозволи ниту да се понадева на победа на овој меч.
Клучниот момент се случи во 66. минута кога Јамал го проигра Фермин, а овој рутински го совлада Облак за водство и победа на Барселона. Во цело второ полувреме, фудбалерите на Атлетико имаа само четири контакти со топката во противничкиот шеснаесетник што најдобро зборува за тоа колку биле неутрализирани од играчите на Барселона. По завршувањето на мечот, може да се каже и дека Флик тотално го шокира Симеоне со неколку интересни одлуки, пред се онаа да го постави Френки де Јонг на позицијата десен бек, како и да го извади од игра Фермин и покрај тоа што беше најдобар играч на натпреварот. Фудбалерите на Атлетико успеаја целосно да го запрат Рафиња кој беше невидлив на денешниот меч, но тоа отвори повеќе простор за другите фудбалери, а таквата ситуација најдобро ја искористи Фермин.
Благодарение на оваа победа, Барселона оди на репрезентативна пауза како лидер, со предност од три бода пред Реал и пет од Атлетико. Денешните екипи повторно ќе се сретнат на почетокот од декември во вториот меѓусебен дуел од оваа сезона.