Почина Џевад Прекази – легенда на Партизан и југословенскиот фудбал
Роден на 18 август 1957 година во Косовска Митровица, Прекази уште како тинејџер пристигнал во Партизан, каде што го направил најголемиот дел од своето фудбалско име. За првиот тим на белградскиот клуб дебитирал во 1976 година, а во црно-белиот дрес настапувал до 1983 година. Во тој период одиграл 153 првенствени натпревари и постигнал 19 голови, освојувајќи три титули шампион на Југославија.
По заминувањето од Белград, една сезона го носел дресот на Хајдук од Сплит, со кој го освоил Купот на Југославија во 1984 година. Потоа кратко настапувал во САД за Балтимор Бласт, пред во 1985 година да започне најзначајното поглавје од својата интернационална кариера. Неговиот трансфер во Галатасарај се покажа како полн погодок. Во Истанбул помина шест сезони, одигра 185 првенствени натпревари и постигна 40 гола. Со турскиот гигант освои две шампионски титули, а со својата техника, прегледност и силен удар се претвори во еден од најобожуваните странски фудбалери во историјата на клубот.
Неговиот квалитет беше препознаен и надвор од теренот. Во интервју објавено само два дена пред смртта, Прекази се потсети на својата кариера и откри дека во минатото интерес за него покажувале и Црвена звезда и Динамо Загреб, но на крајот се решил за Хајдук.
По завршувањето на играчката кариера се посвети и на тренерската работа. Го водеше Железник, а работеше и со младинските категории на неколку клубови, меѓу кои и Партизан.