„ФИФА рече стоп за промени додека не заврши Изборното Собрание“

Првиот човек на македонскиот фудбал Муамед Сејдини посочи дека Светската фудбалска федерација (ФИФА) со писмо посочила да не се менува ништо во организациската структура на Фудбалската федерација на Македонија, иако уште пред три години било договорено усогласување на Статутот со Законот за спорт.

Според законот за спорт во Собранието на една спортска организација, 51 отсто од делегатите треба да ги дадат клубовите, што во случајот со ФФМ не е така, па Сејдини сега открива дека ФИФА ги стопирала тие промени додека не заврши Изборното собрание.

„ФФМ има Статут и никогаш не истапила од правилата и Статутот. Ние со АМС уште во 2018 година имавме разговори, беше утврдено правните комисии да работат на усогласувањето, а беа известени и ФИФА и УЕФА, но ФИФА рече – стоп! Ни посочи дека промените не треба да се направат додека не заврши Изборното Собрание. Јас сега сум изненаден од АМС, посебно после историскиот успех во кој сите заеднички се вложивме и придонесовме. Јас не сакам да шпекулирам, зашто немам докази, ама слушам и ми се јавуваат луѓе за сериозни притисоци и сето тоа нека им служи на чест“, вели Сејдини.

Актуелниот прв човек најави дека на 3 февруари Општинскиот фудбалски сојуз на Кичево ќе има свое Собрание, па ако го поддржат тој ќе предаде кандидатура за четиригодишен мандат. Сејдини дојде на позицијата прв човек откако претходно беше потпретседател во владеењето на Илчо Ѓорѓиоски, а после отстапувањето на екс-претседателот беше избран како единствен кандидат, откако претходно три други кандидатури беа поништени.