
ФФМ: Шкупи испраќаше неточни информации за четири различни стадиони
ФФМ потврди дека бодовите ќе одат на контото на Силекс бидејќи домашниот тим нема стадион на кој може да се одигра натпреварот. Ќе потсетиме, единствено стадионот во Чаир не ги исполнува условите за користење на ВАР.
„ФФМ во изминатиот период покажа целосно разбирање за ситуацијата во која се наоѓа клубот. Оставивме и повеќе од доволно време за да се пронајде соодветно решение.
Направивме сè од своја страна, сите клубови да имаат регулирани услови на почетокот на сезоната.
Но, доколку управата на клубот нема капацитет да ја извршува својата работа и обврски, тогаш одговорноста не може да биде префрлена на ФФМ, туку единствено на раководните лица на клубот“, стои во соопштението.
Исто така ФФМ информира и дека од Шкупи испраќале неточни информации за четири различни стадиони на кои наводно требало да се игра натпреварот.
„Воедно, ФФМ укажува дека во изминатите денови, управата на ФК Шкупи неточно праќаше информации во “Куќа на фудбалот” за четири различни стадиони на кои наводно ќе го одигра натпреварот, со што дополнително создаде погрешна слика за состојбата.
ФФМ е должна да ги почитува пропишаните регулативи и тоа ќе го прави во целост. Се надеваме дека ФК Шкупи ќе ја надмине актуелната состојба и наскоро ќе создаде услови за нормално одвивање на натпреварите“, дополнуваат од федерацијата.
Натпреварот помеѓу Шкупи и Силекс беше закажан за в недела од 17:00 часот.