ФФМ се откажува од идејата Суперкуп на Македонија?

Македонскиот фудбалски Суперкуп втора година по ред не се игра поради недостаток на термини, па Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) можно е да го укине натпреварувањето кое го воведе пред шест години како дуел на освојувачите на трофеи во претходната сезона – првакот и победникот на Купот.

Откако ФФМ го воведе Суперкупот како најава за новата фудбалска сезона, досега во историјата се одиграа само три вакви средби од вкупно седум, вклучувајќи го и годинешниот што требаше да се игра. Прв освојувач е Шкендија во 2011 година, а потоа најтрофејниот македонски клуб Вардар двапати го освојуваше пехарот, последен пат во 2015 година. Од воведувањето на Суперкупот, тој се играше секоја втора година, а сега две години нема пресметка на шампионот со куп-победникот.

Со оглед дека секоја година приказната е иста, дека Европа има предност пред битката за „супершампион“, а ваквите дуели не предизвикуваат сериозен интерес, ФФМ може лесно да се откаже од организација на овој настан и на седница на Управен одбор да го укине овој меч, особено што нема поента да се игра за трофеј на секоја трета или четврта година и дуелот да зависи од (не)успехот на македонските екипи во квалификациите за европските купови. Дополнително е и тоа што најголемиот дел од екипите почнуваат рано со подготовки за Европа, па дуелот им е најмалку потребен, кога целиот фокус по европските мечеви е ставен на дуелите во првенството и во Купот.

Годинава требаше да се игра македонското „Ел класико“ помеѓу Вардар и Пелистер, но пропозициите за овој дуел спречија пресметка на скопските црвено-црни и битолските зелено-бели, како дуел што ќе ја најави новата сезона. И лани дуелот на Вардар со Шкендија не се одигра.

„Една од причините зошто не се одигра Суперкупот се пропозициите, а овој дуел е предвидено да се игра седум дена пред стартот на првенството. Поради Суперкупот на УЕФА, кој се одигра во Скопје (8 август – н.з.) немаше термин кога да се игра дуелот (Првата лига почна на 13 август – н.з.). Втора пречка се термините, затоа што освојувачите на трофеи се наши евро-претставници, па нема термин кога да се игра мечот, кога европските дуели имаат предност. Така беше и лани, па Суперкупот се одложи поради настапите во Европа на Шкендија“, вели Васко Дојчиновски, комесарот за натпреварување

Ракометната федерација на Македонија од годинава воведе Суперкуп, па денеска Вардар против Работник ќе се борат за трофејот, додека многу веројатно годинава да нема Суперкуп во кошарка.

ДОСЕГАШНИ СУПЕРКУПОВИ

24 јули 2011 – Шкендија – Металург 2-1

2012 – Вардар – Ренова не се одигра

28 јули 2013 – Вардар – Тетекс 1-0

2014 – Работнички – Металург не се одигра

23 септември 2015 – Вардар – Работнички 4-3 на пенали (1-1)

2016 – Вардар – Шкендија не се одигра

2017 – Вардар – Пелистер не се одигра