ФФМ сака фудбал со две навивачки групи, ама жестоко ќе ја казнува секоја провокација!

Во пресрет на новата сезона од фудбалската елита, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, упати јасна порака до навивачките групи - фудбалот мора да остане спорт за сите, а не алатка за провокации и поделби.

Тој истакна дека Куќата на фудбалот е подготвена да разговара со претставници на навивачките групи, како и со безбедносните служби, со цел да се создадат услови за безбедно присуство на навивачи на сите стадиони – како за домашни, така и за гостинските фанови.

„ФФМ сака да види две навивачки групи на секој натпревар. Тоа треба да стане стандард, зашто фудбалот се игра за навивачите“, изјави Омерагиќ, алудирајќи на отворањето на сезоната со дерби дуелите помеѓу Шкендија и Шкупи односно Вардар и Пелистер.

Претседателот на ФФМ потенцираше дека федерацијата ќе биде отворена за дијалог, но дека нема да толеранција за тие што фудбалските трибини ги користат за ширење национализам или верска омраза.

„Ривалството е здраво и потребно. Но, национализам и верски навреди немаат место на нашите стадиони. Провокаторите ќе бидат жестоко санкционирани“, предупреди Омерагиќ.

Новиот шампионат стартува со две средби в петок, но и со новитетот – официјална имплементација на ВАР-технологијата.