ФФМ ќе му ја одземе ПРО-лиценцата на Мрме?! Ревизијата што ја сам побарал открила големи недоследности!

Поранешниот македонски фудбалски селектор Игор Ангеловски, пред неколку дена во пост на социјалните мрежи, побара од ФФМ ревизија на сите издадени ПРО - лиценци, вклучително и неговата, како и објава на целиот регистар во кои се напишани имињата на носителите.

Овој негов пост беше реакција на изјавата на Масар Омерагиќ, претседателот на ФФМ, кој во новогодишното интерју со медиумите рече: Многу е дискутабилно како се добиени неговите лиценци, а и начинот на кој што е станат селектор...

Сето ова беше врв на војната која популарниот Мрме ја почна со неговата остра реакција по изборот на новиот селектор Гоце Седлоски, по која набрзина доби одговор од Горан Пандев, а подоцна и од Илија Најдоски и Николче Новески...

Спорт1 дојде до документите со кој Ангеловски и неговиот поранешен клуб Работнички, ја довеле во заблуда Фудбалската Федерација на Македонија, затоа што со лажен допис тврделе дека поранешниот селектор, во времето кога работел како тренер во клубот од Дебар Маало, имал активна А-лиценца. А, немал! (За ова поопширно на овој ЛИНК).

Откако тоа беше обелоденето во јавноста, се појавија многу реакции и за целокупниот услов за добивање на ПРО-лиценцата, затоа што нешто не штима со датумите и со основата на системот на издавање лиценци.

Ако А-лиценцата што ФФМ ја издала на Ангеловски важела од 2014 година, како тоа добил ПРО – лиценца, кога според сите правила потребна е една година активна работа со А лиценца пред да се влезе на Про курс, кој потоа трае минимум две години. Кога сѐ би било идеално, ПРО лиценцата на Мрме би требала да важи најрано од 2017 година. А тој, за селектор на Македонија беше назначен во 2015 година и таа функција ја извршување заедно со улогата на тренер на Работнички, нешто слично што се случува и сега со назначувањето на Седлоски.

„Ако ревизијата, која самиот Ангеловски ја побара, официјално утврди дека било играно со датумите, документите и условите, последицата е јасна. Про-лиценцата може да му биде одземена“, ни изјавија од ФФМ.

Од Куќата на фудбалот велат и дека „ако ревизијата докаже дека документите и датумите не се совпаѓаат со пропишаните правила, тогаш одговорност нема да се бара само од оној што ја користел дупката во системот, во овој случај Ангеловски, туку и од сите што ја направиле и ја дозволиле“.

Ако целиот тој систем под „претседателствувањето“ на Илчо Ѓорѓиоски тогаш бил нарушен, излегува дека поради лична корист е нарушен и интегритетот на највисоката тренерска лиценца, а потоа следи дека селекторската функција била извршувана без правовремено стекната квалификација.

Јавноста го памети Игор Ангеловски како најуспешен селектор во историјата, прв и единствен што досега го однел А-тимот на Македонија на некое големо натпреварување, но ако клопчето навистина почне да се одмотува, ова сериозно ќе фрли црна дамка на неговата тренерска кариера.