Фенербахче ја најде замената за Елмас – за „беспари“ го купува бисерот на Вардар! (ФОТО)

Истанбулскиот великан Фенербахче е подготвен да го продаде македонскиот бисер Елиф Елмас и да заработи најмалку 15 милиони евра на поранешниот фудбалер на Работнички, а на негово место ќе го доведе вардаровиот бисер Али Адем, еден од неколкумината екстра талентирани фудбалери на црвено-црните, најавија турски медиуми.

Адем, кој повеќе од година и половина е дел од првиот тим на Вардар, честопати добива шанса да настапи важи за еден од најталентираните младинци на црвено-црните и од поодамна е во фокусот на два од трите гиганти во Истанбул. Покрај Фенербахче, заинтересиран бил и Галатасарај, ама како што најавуваат од Турција сега „турскиот Реал Мадрид“ е во преден план да го ангажира.

Според најавите, Фенербахче на ист начин како со Елмас ќе го купи Адем, односно нема да плати обсштетување, туку само тренинг-компензација, која во беспарицата на црвено-црните ќе бидат и тоа како добредојдени пари. Елмас во Фенербахче во август 2017 година замина за 180.000 евра, а веројатно исто толку би добил и Вардар за Адем.

Младиот фудбалер за врска може да игра на сите позиции во средниот ред и е играч кој има одлична техника, а е предводник на новата вардарова генерација и капитен на младинскиот тим, кој неодамна го освои Купот на Македонија (4-0 против Шкендија). „Македонскиот Фелаини“ сега е на чекор да го направи трансферот на кариерата и во Истанбул уште повеќе да се развива, а Вардар губи уште едно суперталентирано момче кое требаше да биде голем влог за иднината.

Пред Адем, Тодор Тодоровски замина во вториот тим на Осиек, а Филип Антовски за 25.000 евра мина во младинскиот тим на Динамо Загреб. Вардар ќе мора да се задоволи само со тренинг-компензација за Адем, иако во нормални фудбалски услови кога клубот не би бил во тотален хаос, црвено-црните би можеле многу повеќе да заработат со негова продажба.

Елмас, кој е најталентираниот македонски фудбалер во моментов е во фокусот на голем број европски гиганти, но според најавите четири клуба се во најжестоката трка за негов потпис – италијанските Интер и Наполи, шпански Атлетико Мадрид и германска Борусија Дортмунд.