Донгмо од Вардар се сели во романското првенство

Камерунскиот интернационалец Данел Донгмо го заврши својот престој во Вардар и кариерата ќе ја продолжи во првенството на Романија.

Тамошните медиуми објавија дека тој веќе пристигнал во Плоешти каде треба да стави потпис на договорот со Петролул и да го засили овој тим кој по шест кола од шампионатот се наоѓа на десеттото место на табелата со шест бода. Во Петролул, Донгмо треба да биде замена за Тидиане Кеита кој летово се пресели во Клуж.

Камерунскиот фудбалер дојде во Вардар во 2024 година од француска Троа, а интересно е тоа што во јуни, додека „црвено-црните“ беа на подготовки во Словенија, го продолжи договорот до 2027 година.

Неговата вредност се проценува на 150 илјади евра, но засега е непознато колку ќе заработи Вардар од неговата продажба. Летово тој одигра четири натпревари во Конференциската лига и два во домашното првенство, не постигна гол, но запиша вкупно три асистенции, една до Ла Фиорита на домашен терен и две со Пелистер.