Прв триумф за Пелистер: Ивановски и Бошковски ја срушија Брера во Струмица (ВИДЕО)

Eкипата на Пелистер по поразот од Вардар на отворање од сезоната во второто коло стигна до првиот триумф и тоа на гости кај струмичка Брера со 1-2.

Се што беше интересно во овој натпревар се случи во второто полувреме кога се постигнаа сите три погодоци. За издвојување од првиот дел беше моментот кога напаѓачот Ензиге ја погоди мрежата, но поради игра со рака тој гол беше поништен.

Резултатот беше отворен во 57-та минута и тоа по пенал до кој дојде Пелистер откако Брера имаше шанса на спротивната страна. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше искусниот Мирко Ивановски.

 

Пелистер на 20-тина минути до крајот дојде и до втор гол преку Филип Бошковски. Во тие моменти изгледаше дека нема да гледаме неизвесност во завршницата, но Брера не се откажа.

 

Надежта ја врати капитенот Антовски кој постигна убав погодок со удар од далечина во 76. минута. Сепак, иако имаа неколку прилики, сепак струмичани не успеаа да дојдат до израмнување. Во финишот Здраковиќ од редовите на Пелистер заработи црвен картон, меѓутоа веќе беше предоцна за Брера да дојде барем до бод.

 

За Брера ова беше втор пораз откако во првото коло беа декласирани во Кратово против Силекс со 5-0, Пелистер ќе потсетиме загуби од Вардар во Скопје со 4-1.