Директорот на Башкими почна војна со Вардар: Миравци го чека пекол во Куманово!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) престојниот меч меѓу Башкими и Вардар го прогласи за натпревар од висок ризик, а на ова гласно реагираше спортскиот директор на кумановскиот клуб, Бурак Хида.

Во понеделник Башкими во Куманово ќе го пречека Вардар во меч од осмото коло во Првата македонска лига.

ФФМ го прогласи натпреварот за меч од висок ризик, на оваа одлука бурно реагираше спортскиот директор на Башкими, Бурак Хида, кој од страна на МВР е директно осомничен за местењето на ланскиот натпревар од Втората лига против Кожуф, кога ги поткупил домаќините за да му го пуштат мечот.

„Еве доказ (документот за меч со висок ризик) дека стравот на Миравци почна рано. Залудно е, бидејќи ќе доживеете пекол во Куманово. Не дојдовме до тука со измама, туку со моќ, страдање и бес. Ние не простуваме на никого, без разлика кои сте вие, бидејќи ние не простуваме неправда ниту секунда“, изјави Бурак Хида за „ОпенТВ“.

Зачудува ваквата жестока реакција на функционерот во Башкими со оглед на тоа што прогласувањето на мечот за натпревар од висок ризик не влијае никако на неговиот тим. Тоа би требало да значи само поголемо присуство на полиција и забрана за гостински навивачи.