
ФФМ го суспендира Чаир - Шкупи е на добар пат кон Четвртата лига!
Шкупи уште пред почетокот на сезоната почна да се соочува со разни проблеми, прво беа обвинувањата за местење натпревари, потоа немаа услови за играње натпревари на домашен терен, едвај регистрираа фудбалери...и како што стојат работите како да чекорат кон исфрлање во најнизок ранг.
Последниот проблем го направија навивачите кои во дуелот со Македонија Ѓорче Петров сериозно ја оштетитле опремата на МТВ потребна за вршење на преносот. Исто така тие запалија и знаме на противничката навивачка група.
Сега стадионот во Чаир е суспендиран на неопределено време, а клубот е предаден на Дисцплинска комисија која ќе одлучува за тоа какви ќе бидат санкциите.
„Натпреварувачката комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука за суспензија на стадионот во Чаир на неодредено време, сè до носење на конечна одлука на Дисциплинската комисија.
Истовремено, против ФК Шкупи 1927 е покрената дисциплинска постапка и предметот е предаден на Дисциплинската комисија на ФФМ.
Причина за одлуката се сериозните инциденти на натпреварот од 7. коло во Прва МФЛ, меѓу ФК Шкупи и ФК Македонија ЃП, кога дел од домашната навивачка група запалија и фрлија факели на теренот и во делот каде беше сместена ТВ продукцијата на натпреварот, при што беше предизвикано сериозно оштетување на дел од опремата на Македонската телевизија (МТВ), која го реализираше директниот пренос.
И покрај реакциите на службите на ФФМ и делегатот на натпреварот до официјалните лица на ФК Шкупи за време на мечот, не беа преземени никакви мерки за спречување на дополнителна штета“, соопштија од ФФМ.
Исто така од МТВ испратиле допис до федерацијата за надомест на штета, но и информирале дека нема да прават преноси од Чаир додека не се создадат нормални услови за работа.
„Македонската телевизија со официјален допис ја извести ФФМ дека штетата треба да биде надоместена и дека на стадионот во Чаир нема услови за непречено и професионално вршење на ТВ преноси, поради што нема да врши директни преноси од овој стадион сè додека не се создадат безбедни услови за работа“, се додава во реакцијата од ФФМ.
Ќе потсетиме, натпреварот против Македонија Ѓорче Петров беше прв кој Шкупи сезонава го одигра на домашен терен во Чаир.