Пелистер сака со победа над ГОГ да им го честита роденденот на Чкембари!

Денеска со почеток од 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, Пелистер го пречекува ГОГ Гудме во натпревар од третото коло во Лигата на шампионите.

Битола е подготвена за нов ракометен спектакл, ракометарите сакаат со уште една победа да ги израдуваат своите навивачи. Пелистер во добра форма ја почна сезоната во Лигата на шампионите откако дома го совлада Загреб, а на гости во Париз иако загуби му покажа мускули на силниот ПСЖ.

Време е за нов предизвик, а битолчани имаат подлога да се надеваат на нов успех на нивниот тим.

Ракометарите ќе играат и за Чкембари, со победа да им го честитаат 40. роденден кој неодамна спектакуларно го прославија во Битола.

„ГОГ Гудме има многу млад тим. Секоја година тие или ги продаваат или ги менуваат постарите играчи. Доаѓаат играчи од нивната академија и сите играат ист ракомет. Брзо играат, но мислам дека тоа  нема да им биде доволно. Нашата одбрана се надевам дека ќе спречи нивни лесни голови, да не дозволиме полуконтри и контри. Сакам да ги повикам навивачите, заедно да го прославиме нивниот роденден и со победа да го потврдиме напредокот“, вели Нејц Цехте.

Слично размислува и Петар Атанасијевиќ.

„Се подготвуваме максимално. Играме против млада екипа која што игра скандинавски ракомет. Сме се соочиле со такви екипи, и сме минувале и добро и лошо. Ќе го дадеме нашиот максимум, како што беше на натпреварите со Загреб и ПСЖ. Сакаме да извојуваме победа и да ги израдуваме нашите фанови особено „Чкембари“ кои што слават роденден од 40 години. Сите веруваме во чуда и на натпреварите даваме по 200% и секогаш ќе се бориме до крај – до последните минути“, смета Атанасијевиќ.

Во првите две кола ГОГ забележа два порази, загуби на гостински терен од Барселона и дома од ПИК Сегед. Пелистер ќе се обиде да му ја продолжи таквата серија на гостинот.