Чкембари му се заканија на ФК Пелистер: Нѐ терате да го „извајме“ сиот гнев во нас!

Навивачката група Чкембари со остро соопштение се обрати до раководството на фудбалскиот прволигаш Пелистер, изразувајќи силен гнев и незадоволство од состојбата во клубот и резултатите оваа сезона.

Во реакцијата по ремито на домашен терен против Силекс (0-0), битолските навивачи предупредуваат дека „часовникот почнал да одбројува“ и бараат итни промени, посочувајќи дека моменталниот пласман на екипата води кон испаѓање од лигата и второлигашки статус следната сезона.

„Кога е времето за црвен аларм во клубот? На три кола пред крајот? На две? Или на едно?“, прашуваат Чкембари, потсетувајќи дека на почетокот од сезоната бил најавен „бомбастичен буџет“, а наместо резултати – како што велат – стигнало уште поголемо разочарување.

Навивачите остро ја критикуваат и управата на клубот, прашувајќи кога конечно ќе се побара одговорност од одговорните за ситуацијата во која се наоѓа Пелистер.

„Жална е сликата на трибините под Тумбе Кафе, а уште пожално е тоа што се случува на теренот. За каков клуб беше планиран овој стадион? За каква управна структура од тотални анонимуси во фудбалот со нула фудбалско познавање“, стои во соопштението.

Посебен гнев навивачите изразуваат и кон начинот на кој се води клупската политика, посочувајќи дека повторно се носат тренери кои – според нив – ангажираат сопствени фудбалери за лични интереси. Чкембари се сомневаат и дека клубот повторно се надева на сценарио како минатата сезона, кога опстанокот во лигата зависеше од тоа дали некој друг клуб ќе се откаже од натпреварувањето.

Во најостриот дел од реакцијата, навивачката група испраќа директно предупредување до раководството.

„Дали вие нè терате да го извадиме целиот гнев кој е насобран сите овие години?“, прашуваат Чкембари, порачувајќи дека ова е „последно предупредување пред исклучување“.