Димитријевиќ: Не се одбива тренер како Пешиќ – распоредот во Евролигата е луд!

Македонскиот репрезентативен плејмејкер, Ненад Димитријевиќ, кој не настапи за националниот тим на неодамнешните средби против Луксембург и Азербејџан, призна дека му било потребно време да се адаптира по доаѓањето во Баерн Минхен, со оглед на тоа што во германскиот гигант пристигнал практично на половина од сезоната.

Тој по неуспешната епизода во Милано, кариерата ја продолжи во руски Зенит, од каде што по неколку месеци повторно се врати на елитната сцена.

„Дојдов практично среде сезона. Ритамот е сосема поинаков од оној во Русија на кој бев навикнат. Буквално од натпревар влегов во натпревар, без многу тренинзи. На почетокот беше физички напорно, но сега веќе влегувам во ритам, се вклопувам во екипата и сè ми е многу полесно. На крајот, платени сме да играме и да издржиме таков распоред. Малку е луд, но ние сакаме кошарка и немаме многу причини да се жалиме“, изјави Димитријевиќ во интервју за српскиот портал Б92.

Кога станува збор за се поголемиот број натпревари во Евролига, македонскиот кошаркар вели дека лично нема ништо против густиот распоред.

„Лично сакам да играм натпревари. Колку повеќе – толку подобро, поради тоа и играм кошарка. Сепак, оваа сезона имаше ситуации што не беа баш фер за сите тимови. Ние двапати игравме во Тел Авив пред полна сала, додека некои екипи мораа да играат во Софија или Белград без публика. Се надевам дека од следната година такви ситуации ќе има помалку и сите ќе имаат исти услови“, изјави Нено.

Димитријевиќ откри и дека клучна улога во неговото доаѓање во Минхен одиграл разговорот со легендарниот тренер Светислав Пешиќ.

„Бев на краток одмор во Дубаи кога ме повика Мишко Ражнатовиќ и ми кажа дека постои опција за Баерн. Кога слетав назад во Санкт Петербург, ме побара Кари Пешиќ. Разговаравме прилично долго и веднаш почувствував дека тоа е нешто што ми треба во кариерата. Голем клуб, голем тренер и вистински предизвик“, дополни Македонецот.

Македонскиот плејмејкер истакна дека довербата што ја има од тренерот многу му значи во процесот на адаптација.

„Немам притисок. Кога знаеш дека ќе играш и дека имаш минути, тогаш работата е многу полесна. Тешко е кога немаш доверба од тренерот. Вака уживам во играта и благодарен сум за тоа. Моја цел е само да ја оправдам таа доверба и да ѝ помогнам на екипата да победува“, објаснува Димитријевиќ.

Тој во изминатите години често се поврзуваше со Партизан, а тој призна дека во еден момент и самиот размислувал за таква опција.

„Можеби првата година по заминувањето од Валенсија бев поемотивен околу тоа. Како дете го сакав Партизан и помислив дека би било убаво да го доживеам и тоа – да не биде сè само професионално, туку и емотивно. Но тогаш ништо не се случи и никогаш не стигна конкретна понуда“, потврдува македонскиот кошаркар.

Бекот на германскиот евролигаш откри дека во тој период имал контакт и со легендарниот тренер Жељко Обрадовиќ, но дека разговорите не биле поврзани со евентуален трансфер.

„Го познавам Жељко преку неговиот син Ѓорѓе, па сме разговарале неколку пати. Но тоа никогаш не беше приказна за Партизан или за некакви преговори, туку обични разговори“, искрен е Нено.

Кога станува збор за иднината, Димитријевиќ не ја исклучува можноста еден ден да се појави таква опција, но нагласува дека во моментов е целосно фокусиран на Баерн.

„Сега сум целосно посветен на Баерн и на тоа сезоната да ја завршиме како што треба. Сакам само да продолжам да играм, да бидам важен за тимот и да помогнам во секој натпревар – било во одбрана или напад. За иднината ќе размислувам кога ќе дојде летото. Сега целта е да ја освоиме Бундеслигата“, заврши Димитријевиќ.

Македонецот вечерва ќе биде во составот на Баварците на гостувањето кај Црвена Звезда во Белград.