Само тројца фудбалери на Реал дале гол на „Камп Ноу“, еден од нив не игра вечерва

Реал Мадрид го очекува големото дерби со Барселона, но интересна статистика открива дека само тројца играчи од актуелниот состав на „кралевите“ досега постигнале гол на „Камп Ноу“. Станува збор за Федерико Валверде, Винисиус Жуниор и Килијан Мбапе, но не сите го направиле тоа во дресот на мадридскиот гигант.

Единствениот од оваа тројка што се запишал меѓу стрелците на стадионот на Барселона, а ќе игра вечерва е Валверде. Уругваецот погоди во октомври 2020 година, кога мадридскиот тим славеше со 3-1 во натпревар од шпанското првенство. Валверде го отвори резултатот уште во петтата минута, а потоа Серхио Рамос од пенал и Лука Модриќ во финишот ја потврдија победата на гостите. За Барселона стрелец беше Ансу Фати.

Вториот фудбалер е Винисиус Жуниор, кој има убави спомени од гостувањето во Барселона, особено од реваншот во полуфиналето на Купот на Шпанија во сезоната 2022/23. По поразот од 0-1 на домашен терен, Реал возврати со убедливи 4-0 на „Камп Ноу“. Бразилецот го постигна првиот гол непосредно пред паузата, а Карим Бензема во второто полувреме со хет-трик ја комплетираше големата победа и пласманот во финалето. Сепак, Винисиус нема да има можност да ја продолжи својата голгетерска приказна на ова дерби, бидејќи е суспендиран и ќе го пропушти натпреварот.

Третиот е Килијан Мбапе, но неговите голови на „Камп Ноу“ се постигнати во периодот кога го носеше дресот на Пари Сен Жермен. Во февруари 2021 година, францускиот напаѓач постигна хет-трик во победата на парижаните над Барселона со 4-1, во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Лионел Меси претходно го доведе каталонскиот тим во водство од пенал, но Мбапе со три гола го предводеше големиот пресврт на гостите.

Мора да се истакне дека повеќе од две години, Барселона како домаќин играч на стадионот Монжуик бидејќи Камп Ноу се реновираше, а на својот стадион во Ел Класико се врати во мај годинава кога го победи Реал со 2-0.