АМС ќе ги стопира ваучерите додека ФФМ не го усогласи Статутот со Законот за спорт!

Агенцијата за млади и спорт (АМС) ќе ја стопира секоја финансиска помош за фудбалските клубови преку ваучерскиот систем поради разузданото однесување на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и инаетењето на куќата на фудбалот да го усогласи Статутот со Законот за спорт, најави директорот на АМС, Наумче Мојсоски во интервју за весникот „Вечер“.

АМС и ФФМ веќе од поодамна се во војна, поради константното одбивање на актуелното раководство на куќата на фудбалот да го усогласи Статутот со Законот за спорт, според кој клубовите треба да добијат мнозинство во Собранието и тие да решаваат за фудбалот, а не делегати од општинските сојузи. Поради ова низа клубови уште пред изборното Собрание објавија дека не го признаваат Собранието и за нив тоа е нелегитимно, но сега може да останат без финансиската државна помош во ваучерите кои секоја година се доделуваат од државата, како кулминација на војната на релација АМС-ФФМ.

„Законот мора да важи за сите и неважно е дали Муамед Сејдини (првиот човек на ФФМ – н.з.) е претседател или некој друг. Но, прво нека заврши Европското првенство, а со 99 отсто сигурност може да потврдам дека ќе ги стопирам сите средства за клубовите поради непризнавање на Законот на самата држава. Јас немам друг избор освен тоа да се случи“, вели Мојсоски.

АМС веќе две години бара такво усогласување на Статутот со Законот за спорт, но раководството на ФФМ упорно тоа одбива да го стори, а дури и двете главни фудбалски централи ФФМ и УЕФА застанаа со поддршка за ФФМ во оваа „војна“ и тоа пред реизборот на Сејдини, кој доби во март нов четиригодишен мандат.

„Тие (ФФМ – н.з.) може да се повикуваат на некаков закон во УЕФА или ФИФА, но клубовите играат во Македонија, шампионот ја претставува нашата земја во ЛШ. Станува збор за Фудбалска федерација на Македонија и ти имаш обврска да ги почитуваш законите на Македонија. Секако дека треба да се почитуваат законите на УЕФА, ама и законите во својата земја. Како кога не си усогласен со Законот за спорт, организираш нелегитимно собрание? Како тоа прво ќе избереме претседател, а потоа ќе го примениме законот за спорт?“, потенцира Мојсоски.

Тој додава дека од владината АМС ќе има реакција и на мартовското Собрание на кое со видео-линк уште пред да има гласање првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино му го честиташе реизборот на Сејдини, кој беше единствен кандидат, а потоа претставниците на УЕФА исто така му честитаа за новиот мандат на чело на македонскиот фудбал.

„Ќе има реакција и за организираното собрание, ќе ги стопирам сите работи кон ФФМ. Мора да сфатат дека не се над законот, не се над државата“, додава Мојсоски.

Тетовска Шкендија, Академија Пандев, Пелистер, Победа и уште низа други клубови пред реизборот на Сејдини објавија дека тој е нелегитимен како и Собранијата на ОФС и на ФФМ, барајќи поголема застапеност на клубовите како чинители, а не општинските сојузи преку делегати, од кои има ОФС-а кои само фиктивно постојат без своја лига, доволен број на клубови, судии, да решаваат за иднината на македонскиот фудбал.

Капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев е еден од најгласните против актуелното раководство, кој пред неколку месеци, побара и Сејдини да си замине за доброто на македонскиот фудбал.