Тричко-шоу: Хет-трик за 22 минути и јубилеј – мина 100 гола во првенството на Кипар (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски блесна вечерва со хет-трик за АЕК Ларнака, па практично сам го победи Ермис и тоа за 22 минути колку што му требаа за да стигне до погодоците и тоа во првото полувреме, по што освен што му донесе победа на својот тим, дочека и голем јубилеј – 100 гола во кипарското првенство.

Тричковски во минатото коло промаши пенал во „македонската пресметка“ со Докса, па сега врати со камата, а настрада Ермис и од 22-та до 29-та минута погоди двапати за пресврт, а триумфот го обезбеди во првата минута од судиското надополнување во првиот дел со гол од пенал.

Со овие три стигна до бројката од девет сезонава, а на Кипар игра од 2009 година, со пауза од 2012 до 2015, кога се врати и оттогаш е незаменлив во дресот на АЕК Ларнака. Севкупно има осум гола за Енозис, 17 гола за АПОЕЛ во две сезони, а дури 75 за АЕК, па денешниот негов втор гол против Ермис е јубилениот – стоти.

Тричковски во минатата сезона која не се доигра даде 20 гола и имаше неверојатни настапи додека не удри коронавирусот. Сега, очигледно повторно се враќа во препознатливиот ритам и најавува уште повеќе голови во продолжението од сезоната.

Денеска, Тричковски и Даниел Мојсов го одиграа целиот меч, а Стефан Спировски доби 23 минути откако влезе во игра во 67-та. АЕК со оваа победа ја прекина црната серија од пет меча без триумф (три порази) и сега со 34 бода останува петопласиран, пет помалку од четвртиот Анортозис, а дури девет со меч повеќе од лидерот Аполон.