Тренерот на Динамо Букурешт после инфарктот прво што прашал било – кој е резултатот?

Тренерот на романски Динамо Букурешт,Еуген Нагое завчера доживеа инфаркт и само со брза интервенција на лекарските тимови му беше спасен животот, по што со брза помош итно беше префрлен во болница, каде лекарите сега објавија дека состојбата му е стабилна.

Нагое се пожалил на отежнато дишење, а потоа и колабирал после пола час игра на мечот Динамо – Универзитатеа Крајова, по што итно реагирале лекарските тимови и со помош на дефибрилатор му го спасиле животот. Романските медиуми, сега објавија дека откако Нагое го однеле во болница, откако се освестил прво што прашал било – кој е резултатот на мечот?

Очигледно 51-годишниот тренер, кој имал срцево заболување, не може без фудбалот, а медиумите посочија дека тој два дена не јадел и не спиел, а пиел само кафиња, поради големиот притисок што навивачите на Динамо му го наметнале со барање да си оди, само еден месец откако седнал на клупата.

Првиот човек на тимот од престолнината, Флорин Прунеа посочил дека дефибрилаторот му го спасил животот на Нагое.

„Бевме близу голема трагедија. Животот на Нагое го спаси дефибрилаторот“, рекол Прунеа.

Нагое сега останува во болница, на дополнителни испитувања.

„Тој ќе остане сигурно уште неколку дена во болница за да му бидат направени сите испитувања. Во моментов се одмара и спие, а со него се соптугата и ќерките. Не знам дали ќе остане да работи во Динамо, ама знам дека му треба одмод и тоа подолг“, рекол Силвијан Кристеа, спортскиот директор на Крајова, кој синоќа го посетил Нагое.