Тасевски: Сонувам да бидам тренер на Левски, а кариерата да ја завршам на Тајланд!

Поранешниот фудбалер и актуелен помошник тренер на Левски, Дарко Тасевски, изјави дека животна цел еден ден да стане главен тренер на овој клуб, но дека сѐ уште не се чувствува подготвен за таа улога.

Тој во подкаст на генералниот спонзор на клубот зборуваше за своите амбиции и моменталната фаза во тренерската кариера. Македонецот нагласи дека е прерано за ваков чекор, бидејќи има само една година искуство како помошник тренер – најпрвин во тимот на Станислав Генчев, а потоа и со актуелниот стратег Хулио Веласкес.

Освен желбата да го предводи Левски, Тасевски откри уште една своја долгогодишна амбиција – да ја заврши тренерската кариера во Тајланд. Тој таму поминал шест сезони како фудбалер и токму во оваа азиска држава се родени и неговите два сина. Говорејќи за своите лични желби, Тасевски рече дека сака повторно да ја посети Јапонија, посебно Токио, кој не успеал да го види при претходната посета

Дополнително, негов сон е да патува во Латинска Америка, особено во Аргентина и нејзината престолнина Буенос Аирес, каде сака да ги однесе синовите на натпревар на Бока Јуниорс на легендарниот стадион „Ла Бонбониера“.