Српски репрезентативец доби куќен притвор поради кршење на полициски час!

Српскиот репрезентативец Александар Пријовиќ доби три месеци куќен притвор поради тоа што го прекршил полицискиот час во Белград, водеден поради пандемијата со коронавирус, од која во соседна Србија над 1.500 луѓе се заразени, а веќе 44 го загубија животот.

Пријовиќ беше фатен во еден белградски хотел во друштво на пејачот Радиша Трајковиќ – Џани и еден ден откако го прекршил полицискиот час, сега е осуден експресно на три месеци куќен притвор.

Српскиот фудбалер сега во следните 90 дена нема да мрдне од дома, а тој е третиот фудбалер кој направи проблем во ек на оваа пандемија. Пред него, Никола Нинковиќ и реаловата ѕвезда Лука Јовиќ ги прекршија строгите мерки за самоизолација, па добија кривични пријави, но засега нема судска одлука колку скапо ќе го платат прекршувањето на законите во вонредна состојба во земјата.