Среќа во несреќа: Адеми има само истегнување на лигаментите!

Македонскиот репрезентативец и капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми има силно истегнување на лигаментите на скочниот зглоб, што е среќа во несреќа, зашто малку фалело да добие напукнување или кинење на истите, па практично да ја заврши годината, објавија хрватските медиуми.

Адеми вчера направил магнетна резонанца, откако рендгенот во Скопје покажал дека нема некакви скршеници, а од последните прегледи било констатирано силно истегнување на лигаментите, поради што зглобот е сериозно отечен. Поради ова сега лекарскиот тим и физиотерапевтите на Динамо ќе имаат полни раце работа за да го оспособат Адеми за мечот со Шахтер во Харков во Лигата на шампионите следната недела.

„Зглобот на Адеми е многу отечен, полн е со едеми, па сега лекарскиот тим ќе се обиде да ги оспособи. Како стојат работите многу неизвесно е дали ќе успеат, но ќе се обидат со засилени терапии во следните денови да ги подготват прво за тренинг, а потоа за евентуалниот меч“, пишуваат хрватските медиуми.

Лекарскиот тим се надева дека ќе успее да ги оспособи, иако се свесни дека шансите за такво нешто се помали и дека со терапии двапати дбневно ќе направат чудо. Покрај Адеми, иста повреда има и Бруно Петковиќ, хрватскиот репрезентативец, а прва цел на лекарскиот тим е до сабота да ги оспособат прво за тренинг, а потоа за многу важниот меч.

Адеми се повреди пред крајот на мечот во Скопје помеѓу Македонија и Словенија (2-1).