Скаутите од Дортмунд се вљубиле во Елмас – во јануари доаѓаат со астрономска понуда

Откако макеоднскиот бисер Елиф Елмас ги воодушеви сите во Турција со своите настапи, а имаше забележителен настап и во дербито со Ерменија за првото место во Д-дивизијата во Лигата на нации, скаутите на Борусија Дортмунд се заљубиле во фудбалскиот суперталент и веќе во јануари се подготвени да го однесат на „Сигма Идуна Парк“.

Скаути на Борусија и Манчестер сити, речиси на секој меч го следат Елмас во новата сезона, а од поодамна е посочено дека македонскиот бисер е прв пик на Пеп Гвардиола, ама и Германците по секоја цена сакаат да го видат во своите редови. Дортмунд е познат дека сака млади ѕвезди, кои експресно ги вивнува во фудбалските ѕвезди.

„Скаутите на Дортмунд го гледаа Елмас против Ерменија, а германскиот тим веќе во јануари ќе дојде со астрономска понуда за да го купи од Фенербахче“, пишуваат турските медиуми.

Наводно, Лусијан Фавре го сака по секоја цена Елмас во својот тим и дека примарна цел на „милионерите“ ќе биде ангажманот на македонскиот бисер. Елмас од минатото лето е дел од Фенербахче, но летово откако дојде Филип Коку за тренер доби вистинска шанса и постојано е стартер во првиот тим, но прашање е дали турскиот гигант ќе сака така лесно да се откаже од големиот талент. Според најавите Елмас има клаузула од 20-на милиони евра.