Седлоски му честиташе на Велкоски за титулата во БиХ!

Поранешниот тренер на Вардар и бивш капитен на македонската репрезентација Гоце Седлоски, сега кормилар на босански Широки бријег му честиташе на македонскиот репрезентативец Крсте Велкоски за веќе освоената шампионска титула со Сарајево во првенството на БиХ.

Сараевчани синоќа победија со 3-0 на гостувањето во Широки и веќе имаат 11 бода повеќе во однос на актуелниот првак Зрињски, а дури 20 бода повеќе од градскиот ривал Железничар и четвртопласираниот Широки. После убедливата победа на „бордо“ тимот, Седлоски јавно ја честиташе титулата.

„Му честитам на Сарајево за победата и веќе освоената титула. Јас и пред мечот реков дека веќе се шампиони, ама сега тоа се потврува. Ова за нас е голема шлаканица. Ние не игравме во второто полувреме, а Сарајево е тим кој не простува. Одиме по потешкиот пат, но што е тука е. Не знам што беше со играчите, ама мора да се разбудиме“, изјавил Седлоски.

Велкоски е капитен на Сарајево и еден од најдобрите фудбалери на овој тим, па сезонава игра во одлична форма и со тоа повторно си заслужи повик во националниот тим после една ипол година пауза. Велкоски се очекува да биде на списокот за националниот тим и за претстојниот старт на евроквалификациите.