Риека се подготвува за прослава на титулата, цената на картите отиде до 250 евра

Додека за финалето од Купот на Македонија, цената на билетите изнесуваше 100 денари, во Хрватска не прашуваат колку чини влезница за натпреварот кој директно одлучува за новиот шампион.

Во последното коло, Риека и Динамо влегуваат со по 62 бода, но за се се прашува Риека која со евентуален триумф против Славен ќе ја освои титулата, без оглед на резултатите на другите натпревари. Сите навивачи на овој клуб сакаат да бидат дел од историскиот спектакл, јасно е дека стадионот Рујевица ќе биде исполнет до последното место, а има капацитет од 8.000 седишта, но билети почнаа да се продаваат и „на црно“.

Од клубот објавија дека стадионот е распродаден, во редовна продажба, билетите чинат од 20 до 40 евра, во зависност од тоа дали купувачот е член на Риека или не, но во препродажба се нудат за дури 250 евра. Интересно е тоа што има заинтересирани и за нив, а не е исклучено дополнително да поскапат до недела кога се игра овој натпревар.