Пикси е минато: Струмичанец и официјално стана нов селектор на Србија!
Станува збор за искусен стратег, кој е роден во Струмица.
„Шансите за пласман сè уште постојат, а токму затоа Вељко Пауновиќ прифати да ја преземе репрезентацијата со целосна посветеност“, изјави генералниот секретар на ФСС, Бранко Радујко.
Интересно, само неколку недели пред официјалното именување, Пауновиќ гостуваше во подкастот на шпанскиот весник Марка, каде одбил да коментира можност за преземање на селекторската функција.
„Многу ги сакам овие момци и секогаш сум навивач. Искрено, непријатно ми е кога се зборува за нов селектор во момент кога претходниот си заминува. Имам голема почит кон оваа професија и ме боли кога не ја цениме доволно. Единствено што можам е да им посакам успех и пласман на Светското првенство“, изјави тогаш Пауновиќ.
Србија ќе гостува кај Англија во Лондон на 13 ноември, а три дена подоцна ќе го одигра последниот квалификациски натпревар против Летонија во Лесковац. Резултатите од овие дуели нема да влијаат на идниот статус на Пауновиќ, а разговорите за евентуален долгорочен договор ќе следуваат по нивното завршување.
Пауновиќ се враќа на клупата на националниот тим точно една деценија откако со младинската репрезентација на Србија го освои Светското првенство за играчи до 20 години на Нов Зеланд. Во својата кариера, 47-годишниот стратег има искуство и на клупско ниво, водејќи ги Рединг, Чикаго Фајер, Чивас, Тигрес и Овиедо.