Навивачите полудеа: Шампионот на Црна Гора го смени грбот во боите на - Албанија (ФОТО)

Фудбалскиот клуб Дечиќ, актуелниот шампион на Црна Гора, се соочи со жестоки реакции од своите навивачи поради визуелна промена на клупскиот грб.

Новиот дизајн, инспириран од боите и симболиката на албанското национално знаме, предизвика бурни реакции и незадоволство меѓу поддржувачите на клубот. На новиот грб е испишан натпис на албански јазик, а доминираат црвено-црните бои, што многумина го доживеаја како напуштање на долгогодишните клупски традиции. Навивачите на Дечиќ изразија својот гнев преку социјалните мрежи, обвинувајќи ја управата за непочитување на историјата на клубот и за внесување на политички теми во спортот.

„Уништување на 100 години историја“, „Ова е црногорски клуб, боите мора да останат исти“, „Нека се занимаваат со резултатите наместо со грбот“, се само дел од коментарите што ги оставија револтираните навивачи. Некои дури го поврзаа потегот со пошироки политички прашања, изразувајќи загриженост за идентитетот на клубот.

ФК Дечиќ минатата сезона испиша историја со освојување на првата титула во Црна Гора, но последниот потег на управата очигледно остави горчлив вкус кај дел од навивачите, кои бараат објаснување и враќање на традиционалниот грб.