Јаховиќ официјално во Анталија: Ќе уживам играјќи со Подолски!

Поранешнот македонски репрезентативец Адис Јаховиќ и официјално е нов член на Анталијаспор после само шест месеци откако мина во Јени Малатијаспор и за него ова е четврти клуб во турската Суперлига во изминатите четири години.

Тоа што беше најавено пред два дена, дека Јаховиќ се договорил со Анталија, денеска добива официјализација со формалното претставување на македонскиот центарфор во новиот клуб во кој доаѓа како трет моментно најдобар стрелец во Лигата со 11 гола. Македонскиот интернационалец потпиша една ипол годишна соработка со Анталија со опција да ја продолжи соработката за уште една година.

Јаховиќ во 2016 година дојде во турски Гецтепе од руска Крилја Совјетов, па во 72 меча даде 36 гола за овој клуб, по што се пресели во Коњаспор, а оттаму летово во Малатија. Јаховиќ ќе игра заедно со германскиот ветеран и бивш светски првак Лукас Подолски, кој претходно потпиша договор со новиот клуб на македонскиот интернационалец.

„Можам да ветам дека ќе придонесам за да се остварат целите и дека брзо ќе ја вратиме Анталија каде што ѝ е местото. Ќе уживам играјќи со Подолски и ќе биде многу важно за тимот да дадеме сè за да помогнеме во остварувањето на целите“, рече Јаховиќ на промоцијата.

Негов тренер ќе му биде Танер Туна, со кого соработуваше во Гецтепе, а прв меч за деби е гостувањето кај Денизли в недела од 11.30 часот по македонско време. Анталија со 14 бода моментно е трета одзади, само еден бод за да излезе од опасната зона, па пред Јаховиќ, Подолски и останатите е предизвик да се избори опстанок сезонава.