Хрватите уапсија 57 хулигани по нападот на „Торцида“ врз навивачите на Ајакс!
До масовниот инцидент дошло нешто пред полноќ, кога група од околу 150 припадници на „Торцида“, извршила организиран напад врз гостинските фанови кои се движеле низ центарот на Сплит. Брзата и навремена интервенција на полициските екипи спречила дополнителна ескалација на насилството. При нередите се приведени и странски државјани, а засега нема официјални податоци за сериозно повредени лица во хаосот.
Во врска со немилите настани, веднаш се огласи претседателот на навивачкиот клуб на Ајакс, Фабијан Нагтзам, кој остро го осуди нападот и побара драстични мерки од европската фудбалска куќа. Тој истакна дека главна тема пред натпреварот повеќе не е фудбалот, туку исклучиво безбедноста на гостинските навивачи.
„Ако ваквите инциденти продолжат да се случуваат, УЕФА мора да реагира на најстрог можен начин. Обичните навивачи, кои не се дојдени за да прават проблеми, се напаѓани. Веќе доживеавме слични сценарија во Атина и Неапол. Ако вакви работи се случуваат често, УЕФА едноставно мора да ги исклучи таквите клубови од европските натпреварувања“, изјави Нагтзам.