Огромно засилување: Хориха официјално доби право да игра за Македонија!
Украинскиот лев бек пред еден месец доби македонски пасош, а сега е завршена и постапката за стекнување право за настап во националниот тим. Со тоа се отвора можност Хориха да го облече дресот на Македонија и да биде дел од националниот тим во следните предизвици.
„Хориха од пред еден месец веќе има македонски пасош и може да игра за Македонија. Добиваме играч кој може да донесе многу, селекторот добро го познава и со него сигурно ќе придонесе за дополнителен квалитет“, рече претседателот на РФМ Александар Стефанов на денешната прес-конференција.
Хориха добро го познава македонскиот ракомет преку настапите за Вардар минатите две сезони. Неговите квалитети во нападот и искуството од настапите на клупската сцена би можеле да бидат дополнителен адут за македонската репрезентација.
За селекторот Лазаров, добивањето уште една опција на левата бековска позиција претставува можност за поголема конкуренција и поширок избор при составувањето на тимот.
„Прашање на време беше кога Хориха ќе добие дозвола за настап за Македонија, сега тоа е потврдено и верувам дека секогаш кога имаме шанса за ваков играч не треба да размислуваме. Хориха имаше одлични настапи кај нас за Вардар, беше еден од лидерите на тимот. Премина во уште посилна лига во Унгарија и таму има голема улога. Тој е играч со квалитет за Лига на шампиони и ако добро се вклопи во тимот, може да придонесе да бидеме уште поквалитетни. Многу пати покажал дека има победнички карактер и во Македонија и во ПИК Сегед, се надевам ќе бидеме за нијанса подобри, посебно на големите натпреварувања каде ритамот е силен“, објасни селекторот.
Двајцата соопштија дека се во постојан контакт со искусниот бек и од него дознале дека „гори“ од желба да настапи за македонската репрезентација.