Разочарувачка есен на најдобрите македонски клубови во Европа – седум натпревари, нула победи

Македонските ракометни гиганти не ја започнаа европската сезона според очекувањата. Вардар и Пелистер, двата најтрофејни и најамбициозни македонски претставници на меѓународната сцена, по седум одиграни натпревари во европските купови сè уште немаат ниту една победа.

Билансот е загрижувачки: шест порази и едно реми. Вардар има четири порази во Лигата на шампионите, додека Еурофарм Пелистер во три настапи во Европската лига забележа два пораза и едно реми. Така, по првите европски предизвици, двата македонски претставници се најдоа во ситуација во која итно им се потребни подобри резултати.

Вардар се врати во елитното натпреварување со големи амбиции, но почетокот во Лигата на шампионите донесе серија разочарувања. „Црвено-црните“ загубија од Мелсунген во Германија со 31-33, потоа на домашен терен од Нант со 32-33, а следуваа и двата пораза од Висла Плоцк – 26-32 во Скопје и 32-33 во Полска. Особено боли фактот што Вардар не успеа да освои бодови ниту во натпреварите во кои имаше можност да се надева на позитивен резултат. Против Нант и Висла во Полска, разликата беше само еден гол, но во завршниците недостасуваше доволно концентрација за да се избегне поразот.

Ситуацијата стана уште потешка по последниот неуспех, бидејќи Вардар и математички ги загуби шансите за пласман во главната рунда на Лигата на шампионите, уште пред крајот на групната фаза. Тоа значи дека европската сезона ќе продолжи во Европската лига, каде што македонскиот претставник ќе се обиде да го поправи впечатокот.

Ниту Пелистер не успеа да ја започне европската сезона на посакуваниот начин. Битолчани настапуваат во Европската лига, второто по ранг натпреварување на Европската ракометна федерација, но по три кола сè уште се без победа. Пелистер најпрво загуби од шпанската Ла Риоха со 24-31, потоа одигра нерешено 31-31 на гостувањето кај Вибжеже Гдањск, а во последното коло беше убедливо поразен од германски Гумерсбах со 28-38. Токму последниот натпревар покажа колку работа го очекува битолскиот состав доколку сака да се наметне во европската конкуренција. За клуб кој во последните години вложува сериозни средства и има амбиции да биде конкурентен и надвор од домашните рамки, ваквиот почеток сигурно не е задоволителен. Пелистер има квалитет и искуство, но тоа засега не успева да го претвори во резултати на европската сцена.

Секако, сезоната не е завршена. И Вардар и Пелистер имаат можност да го поправат впечатокот, но следните натпревари ќе бидат исклучително важни за самодовербата, резултатскиот напредок и продолжувањето на европските амбиции.

Покрај ова, Тиквеш веќе доживеа елиминација од европските купови, па честа на македонскиот ракомет есенва ќе ја бранат трите претставници во ЕХФ Европскиот куп: Алкалоид, Охрид и Бутел. Алкалоид и Охрид се последни освојувачи на трофејот во ова натпреварување, па затоа со право очекуваме добар настап и борба до самиот крај.