Историска бламажа на Чилиќ во Кина - втор најсрамен во неговата кариера!

Поранешниот трет тенисер на светот и освојувач на Ју-Ес Опен, Марин Чилиќ, неочекувано експресно е елиминиран на Челинџер турнирот во кинескиот град Ѓинан, каде што го заврши настапот уште во второто коло, откако беше поразен од јапонскиот квалификант Јосуке Ватануки (7-5, 6-4).

Чилиќ во овој дуел влезе како 80. тенисер на АТП листата, додека неговиот ривал моментно се наоѓа на дури 406. позиција. Разликата се направи во искористувањето на брејк-топките. Јапонецот реализираше три од вкупно девет шанси за одземање на сервисот, додека Чилиќ искористи само една од двете понудени прилики.

Ова, сепак, не е најлошиот пораз во кариерата на Чилиќ кога е во прашање рангирањето на противникот. Во 2021 година на турнирот во Женева, тој загуби од швајцарскиот тенисер Доминик Стрикер, кој во тој момент беше 419. играч на светот.