Гаштаров за Делии е - новиот Панчев: Ништо не е поубаво од победа над Партизан!

Нашиот голем фудбалски бисер, Матеј Гаштаров, за кого се очекува веќе месецов да дебитира за сениорскиот национален тим, имаше одлично деби за Црвена Звезда во „вечното дерби“ против Партизан, продолжувајќи ја повеќедецениската традиција на успешни настапи на македонски играчи во „црвено-белиот“ дрес.

Деветнаесетгодишниот играч за врска одигра значајна улога во победата на актуелниот српски шампион од 2-1, откако во 27. минута го изнуди пеналот кој капитенот Мирко Иваниќ го претвори во решавачки погодок за триумф над лутиот ривал. Гаштаров, кој е роден 2006 година во Скопје, доби доверба од тренерот Алберт Риера да стартува на најважниот натпревар во српскиот фудбал. Тој успешно ги неутрализира нападите на противникот на средината од теренот и одигра без грешка, оправдувајќи ја улогата на „бонус“ играч.

По натпреварот, тој не го криеше задоволството од својот прв сениорски дерби настап и се заблагодари на поддршката од трибините.

„Секако, кога ќе се победи во дербито нема ништо поубаво од тоа. Одигравме храбро, мотивирано, што да кажам, навистина сум среќен за моето прво дерби. Имав настапи и во младинските категории, но во споредба со нив, ова не е ништо. Им благодарам на сите навивачи што дојдоа во толку голем број. Дадовме сè од себе и на крајот го добивме натпреварот“, изјави Гаштаров.

Осврнувајќи се на пристапот кон играта и ставот на тренерот Риера, кој не прави разлика меѓу фудбалерите врз основа на нивната возраст, младиот македонски фудбалер истакна дека местото во почетните единаесет мора да се заработи со напорна работа.

„Од моја страна, на секој тренинг треба да се дава 100 отсто. Треба да се заслужи да се игра“, заклучи Гаштаров, наметнувајќи се како еден од најзаслужните за триумфот на својот тим.

Навивачите на црвено-белите веќе почнаа да го скандираат името на нашиот тинејџер, а почнаа и споредбите со најдобирот Македонец во дресот на Ц. Звезда – Дарко Панчев.