Дамчевски денеска доаѓа во Сараево да потпише договор со Железничар

Поранешниот македонски репрезентативец Александар Дамчевски денеска треба да пристигне во босанската престолнина Сараево и да потпише договор со поранешниот југословенски и босански првак Железничар, најавија медиумите во БиХ.

Дамчевски, како што објавуваат босанските медиуми, веќе одреден период е во контакт со вицешампионот на БиХ и сега доаѓа на завршни преговори пред да потпише евентуален договор и да го засили клубот од „Грбавица“.

Интересно пред само една година, Дамчевски беше на чекор да потпише за најголемиот градски ривал Сарајево, каде член е Крсте Велкоски, исто така поранешен македонски репрезентативец, но тогаш стоперот во последен час ја одбил понудата и ја прифатул таа на Кипар, во Ермис Арадипоу.

Ако Дамчевски потпише за Жељо, во следната сезона ќе има мкедонска пресметка во најголемото дерби во БиХ, сараевската вечна пресметка на двата великани со големи имиња уште од времето на поранешната држава.

Инаку Дамчевски, кој е роден во Стразбур во кариерата играше за вториот тим на Луцерн, потоа за Криенс, па Черноморец, а потоа и за холандска Бреда. Во тој период стана и репрезентативец (има четири настапи), а потоа играше за казахстански Атирау, унгарски Мезоковжед и кипарски Ермис.