„Да дадев гол, немаше да има војна во Југославија!“

Прославениот поранешен југословенски репрезентативец Фарук Хаџибегиќ се осврна на Светското првенство во Италија каде селекцијата на СФРЈ го имаше последниот настап на големите натпреварувања.

Југославија тогаш стигна до четвртфиналето каде играше против Аргентина предводена од Диего Марадона. По 120 минути немаше голови, па мечот отиде на пенали и „гаучосите“ победија со 3-2. Еден од пеналите промаши токму тогашниот капитен на југословенската репрезентација кој 35 години подоцна тврди дека тоа промашување имало далекусежни реперкусии по поранешната држава, не само на спортски план.

„Да дадев гол, убеден сум дека ќе се пласиравме во полуфиналето, но да не звучи претенциозно, мислам дека и немаше да има војна во тогашната Југославија. А, ако не беше војната, ќе бевме шампиони на следното Светско првенство, во САД 1994 година. Тоа го кажувам апсолутно уверен и пред Бог и пред народот“, изјави Хаџибегиќ кој во својата кариера играше за Сараево, Бетис, Сошо и Тулуз.

Но, тој не беше единствен што промаши пенал во тоа четвртфинале против Аргентина. Непрецизни од белата точка беа уште Драгољуб Брновиќ и Драган Стојковиќ, а погодија само Дејан Савичевиќ и Роберт Просинечки.